Лешник - есенски благодет кој е достапен преку цела година
Потекло и распространетост
Латинското име му е Corylus avellana, а истото го добил според корените на зборовите кои во превод значат капичка или кацига. Тоа се изрази кои веродостојно го отсликуваат изгледот на лешниковиот плод во неговиот природен облик на стеблото, опколен со својата „капичка“.
Иако лешниковото стебло е раширено во поголем дел од територијата на Европа, за комерцијални цели го произведуваат само 4 земји како што е Турција каде се произведува околу 75% од светското производство. Потоа следат Италија, Шпанија и Северна Америка.
Овај вкусен плод може да се користи на многу начини, при што на разни десерти им дава посебна препознатлива арома и вкус кој се памети.
Долго време бил познат и користен не само како храна,туку и како дел од различни ритуали и прослави. Доста често бил користен како симбол на плодност и се користел како важен детал на свадбените свечености.
Состав и нутритивни карактеристики
Лешникот во својот состав содржи значајни количини на есенцијални масни киселини, а освен нив содржи и многу витамини и минерали кои ја спречуваат нивната оксидација. Таков е витаминот Е со кој лешниците се многу богати и витаминот А чие присуство е посебно интересно, бидејќи е голема реткост да биде застапен во составот на јаткастите плодови (уште наречени оревести плодови). Овие два витамини се одлични антиоксиданси, што значи дека имаат својство да спречат оксидација (да го неутрализираат дејството на слободните радикали), а со самото тоа и спречуваат појава и развој на канцерогени клетки.
Што се однесува на белковините во составот на лешниците со цел задоволување на потребите за сите аминокиселини, препорачливо е да се користат во комбинација со други јаткасти плодови, житарки или мешунки.
Освен тоа лешниците го содржат и фитостеролот именуван како ситостерол, кој придонесува за намалување на холестеролот во крвта.
Лешникот е значаен извор на неколку витамини од B групата, посебно витамините B5 и B6.
Од минералите најзастапен е селенот, кој исто така е антиоксиданс, а потоа се манганот и цинкот.
Во 100 грама лешници има:
Есенцијални Амино Киселини (mg) - 5,1
Јаглени хидрати (g) - 11,4
Растителни влакна (g) - 7,4
Во народната медицина од лешниковата кора се прави чај од кој се прават облоги за отворени рани и против проширени вени на нозете. Чајот е добар и како лек против проливи, а се користи и за лечење на хемороиди.
Најновите истражувања покажуваат дека лешниците се одлични во превенција на срцеви заболувања и надополнети со медитеранска исхрана (која подразбира повеќе риба, лук, вино, свеж зеленчук и што помалку брза храна) даваат извонредни ефекти по здравјето.
Кратки заклучоци за лешниците:
- Лешниците можат да бидат феноменална алтернатива и замена на вашиот меѓуоброк - ужинка!
- Мелените лешници можат делимично или во потполност да го заменат брашното во колачите.
- Одлично се комбинираат со кафе и мед, моркови во салата и лимонова кора како додаток на пилешко месо.
Автор: М-р Катерина Шамбевска
Дознајте повеќе за авторот
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување