Печурки - вкусна храна и опасен отров
Во дождливите есенски денови, по шумите, полињата и падините низ Македонија, никнуваат печурките кои може да бидат вкусна храна или опасен отров. Може да ви изгледаат вкусни, шарени и сочни, но природата знае да ја покаже својата темна страна. Секоја година кај нас, за жал, се случуваат несреќи со трагични последици. А сигурен начин да се одбегне стапицата, не постои. Непосакуваните случки кои некогаш знаат да однесат и цели семејства, потресуваат и предупредуваат. Печуркарството е повеќе станува стопанска гранка која го надополнува семејниот буџет, но истовремено и многу опасно хоби!
Печурките ги има во најразлични видови и форми. Примена наоѓаат во медицината и човековата исхрана. Печурките може да бидат култивирани или самоникнати. Карактеристично за самоникнатите печурки е дека не дозволуваат да се одгледуваат по вештачки пат.
Поради својот хемиски состав и хранливата вредност, печурките важат за здрава, неконтаминирана и вкусна храна. Содржат висок процент на протеини, а специфичен квалитет им даваат есенцијалните аминокиселини. Од витамините се застапени витамин А, В1, В2, D и С, а од минералните материи во својот состав имаат железо, калциум, фосфор и цинк. И покрај тоа што се одлична храна, кај нас ретко се наоѓаат на домашните трпези.
Во нашите подрачја има повеќе видови на шумски печурки. Најраспространет, најпознат и најчесто употребуван во исхраната е вргањот (Boletus edulis). Може да се најде во дабова шума и е познат како црн вргањ, во букова шума е познат како бел вргањ, а вргањот кој расте во борова шума е познат како црвен или кралски вргањ. На второ место по квалитет и распространетост е лисичарката (Canterellius cibarus), а исто така често се наоѓаат и смрчката (Morchella conica), јајчарката (Amanita caesarea). Сепак треба да се знае дека некои видови на неотровни габи имаат свои отровни двојници. Нема да може да ги препознаете, но разликата помеѓу нив е катастрофална. Опасни последици може да се јават како резултат на несоодветно чување, складирање и сушење на печурките.
Автор: М-р Марија Кочовска
Дознајте повеќе за авторот
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување














