Како да направите домашно рикота сирење
Рикота е популарно италијанско свежо сирење. Може да се најде и на нашиот пазар, но неговата цена во однос на цените на другите видови сирења е прилично повисока. Затоа ви го презентираме овај рецепт со чија што помош повеќе нема да имате потреба да го купувате, туку ќе можете сами да направите домашно сирење и тоа на начин кој е повеќе од едноставен.
Сè што ви треба за да направите домашно рикота сирење е половина час од вашето време и само неколку состојки кои можете да ги набавите во најблиската продавница.
Состојки:
2л полномасно млеко
сок од два лимони или 1/3 чаша дестилиран бел оцет
лажичка сол.
Подготовка:
Млекото се загрева на околу 93 степени во тенџере на оган.
Кога на површината ќе почне да се прави пена и бавно да се ослободува пареа, тогаш се додава сокот од лимон или (оцет) и тенџерето се трга од огнот. Внимавајте на температурата, млекото не треба да зоврие.
Садот со млеко се остава да стои на собна температура околу 10 минути, при што веќе ќе може да се забележи формирање на грутки и издвојување на жолтеникава, воденикаста сурутка.
Со дрвена лажица промешајте го млекото и проверете го засирувањето. Ако забележите дека се уште има многу млеко кое не се засирило, додадете уште една лажица сок од лимон или (оцет) и почекајте уште неколку минути.
Потоа сирењето се бери и се процедува низ густа ткаенина, добро се подврзува и се остава да се цеди од 10 до 60 минути во зависност од тоа колку суво сирење сакате да добиете.
Вака подготвеното рикота сирење може да стои во фрижидер околу една недела.
Извор: lifepressmagazin
Автор: Марина Иваноска Ружиновска
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување















