Бон тон за храна - Поставување на маса, како е правилно и најдобро?
На прво место треба да се води грижа за бројот на гостите кои ќе ги повикате. Гостите не треба да седат премногу збиени на масата, помеѓу секој гостин да има барем 50 см растојание.
За ручек на масата се поставува прекривка која може да е бела или во боја. Наместо прекривка може да се стават сетови во боја (подметачи) по еден за секој прибор за јадење.
За вечера обавезно се става бела прекривка, која од сите четири рабови на масата ќе паѓа надолу во должина од околу 15-20 см.
Сaлфетките за ручек се ставаат во чинијата (во легната или исправена положба), а за вечера се ставаат од десната страна покрај чинијата. Салфетките треба да бидат платнени, со тоа што можете да направите исклучок доколку гостите ви се многу блиски пријатели или роднини, па можете да се опуштите и да користите хартиени салфетки.
Трпезата можете да ја украсите со свежо цвеќе, кое е аранжирано во плитки вазни по должината на целата маса. Доколку станува збор за свечена вечера тогаш можеме да додадеме и свеќници со украсни свеќи кои ќе ги запалиме непосред но пред да седнат гостите.
Освен приборот за јадење, на трпезата ставаме и доволен број на соларници со сол и црн бибер. Во случај да се сервирани во отворен стил, гостите никогаш не земаат од зачините со сопствениот прибор, туку тоа го прават со приборот назначен за тоа, кој е заеднички за сите.
До секој прибор се става и испишано мени, каде што секој гостин ќе може да види со што домаќинот планира да го нагости (односно кои јадења ќе бидат послужени).
Пред ручекот или вечерата се служат аперитиви. Тие се наоѓаат на помала маса непосредно до главната маса, и тоа веќе турени во чаши. При изборот на аперитиви преба да се внимава на вкусот и навиките на гостите, но и на сопствените можности за нивно задоволување. Понекогаш гостите приоѓаат и сами се послужуваат, а понекогаш ги послужува домаќинот (во зависност од желбите и бројноста на гостите).
Во комбинација со аперитивите се служат солени бадеми, гризинки и слично. Откако гостите ќе се послужат со аперитиви, приоѓаат кон трпезата. Аперитивите можат да се конзумираат и по седнувањето, при што домаќинот ги послужува со пијалок и на секој му носи од тоа што ќе посака. На ист вакаов начин аперитиви се служат и во ресторан.
Сѐ за храна Бон тон препораки:
Бон тон за храна - Пречекување на гости
Бон тон за храна - Однесување на маса
Автор: Марина Иваноска Ружиновска
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување










