Што да правиме ако Груевски продолжи да ја игнорира Шарената револуција?
Да кажам уште на самиот почеток. Текстот во продолжение не е неутрален. Во целост ги поддржувам #протестирам и т.н. Шарена револуција. Сметам дека е правилниот избор против оваа корумпирана влада.
Шарената револуција треба да има една, јасна цел: да се симне од власт Груевски и тој и соработниците да одговараат за сторените криминали.
Нема да водам дискусии дали претходните влади краделе, дали треба да се прифати поддршката на Зоран Заев во оваа борба итн.
Целта ми е да посочам една голема опасност: Груевски веројатно ќе продолжи да ги игнорира протестите организирани од #протестирам.
Протестите се во најголема мера мирни и на многу сликовит начин го искажуваат револтот против кичот, примитивноста, едноумието на ДПМНЕ, корупцијата и притисоците. Но, проблемот е: што ако ДПМНЕ решат едноставно да продолжат да ги игнорираат протестите?
Политичката марионета на Груевски, претседателот Иванов, стои цврсто на ставот да не ја повлече скандалозната одлука за аболиција. Барем за сега, тој успешно се справува со притисоците на САД и ЕУ за повлекување на истата.
Претпоставувам дека стратегијата на Груевски е да чека демонстрантите да се изморат и потоа да ги спроведе изборите на кои би учествувале само ДПМНЕ и нивните коалициони партнери. Доколку успее во ова, мислам дека е очигледно дека следен чекор ќе му биде да го укине СЈО и со тоа да се спаси од судење и затворска казна.
Знам дека некој ќе рече: “Нема да се измориме! Секој ден во 6 до конечен пад на Груевски!”. Да, и јас многу би сакал да е така. Но доаѓа лето, луѓето ќе сакаат да отидат на одмор. Летните одмори и високите дневни температури значително ќе го намалат бројот на демонстранти, доколку протестите воопшто продолжат. А, после летото, доколку изборите на 5ти јуни се одржат, нема да постои повеќе СЈО.
Потребна ни е ефективна стратегија која ќе го принуди Груевски да отстапи и да се преземе одговорност за неделата што ги направил.
Немам идеја, за жал, што може да направиме за да ја смениме оваа ситуација околу еден месец, колку што ни останува до 5ти јуни.
Едно сценарио на кое мислам дека многумина се надеваат е: меѓународниот фактор да издејствува повлекување на аболицијата, одложување на изборите, ослободување на медиумите, прочистување на избирачкиот список, формирање на специјален суд и конечно, осуда на криминалците. Но, некако ова ми се чини премногу добро за да биде вистинито. Не ми се верува дека дипломатите ќе успеат да го натераат Груевски практично да го потпише сопственото одење во затвор.
Следниот факт со кој што мораме да се соочиме: Груевски има многу поддржувачи. Преку својот механизам на присила на вработените во јавната администрација, тој успева да добие многу гласови. А има и многу луѓе коишто Донкихотски веруваат во “борбата против комуњарите и одбрана на државата од странските мрачни сили”. Така што да очекуваме дека овие луѓе ќе се вразумат и ќе му откажат послушност е премногу наивно.
Се плашам дека тој е спремен да оди дотаму, да предизвика и судир помеѓу демонстрантите и контрадемонстрантите само за да се спаси од одговорност.
Ни треба идеја за брзо дејствување (без насилство). Имате ли идеја? Како размислувате вие по ова прашање? Потребни ни се конкретни предлози. Времето ни е кратко.